ПРЕРОДБАТА

Во првата половина на XIX век се забрзува процесот на национално осознавање. Особено е забележлива работата на предводникот на Македонската преродба Димитар Миладинов, коj по своето школување во Грциjа, стапил на учителска должност во Охрид. По една средба со познатиот руски славист Виктор Григорович, Миладинов ќе застане во првите редови против грчкото духовно влиjание. Како резултат на работата со неговиот брат Константин во 1861 година во Загреб (Хрватска) го издаваат своjот Зборник, со што започнува позасилено да се чувствува преродбата каj македонскиот народ. Инаку, самиот Миладинов им бил учител на истакнатите преродбеници: Партениjа Зографски, Григор Прличев, Константин Миладинов, Кузман Шапкарев и други.

 











Охриѓанецот Григор Прличев има сличен животен пат како и неговиот учител. Во прво време силно го брани елинизмот, но подоцна се осознава и на наjдостоинствен начин го продолжува делото на своjот учител. По добивањето на ловоровиот венец за наjблескаво поетско остварување на Атинскиот универзитет (1860), добиваjќи jа првата награда за поемата "Сердарот" (бил наречен и Втор Хомер), Прличев се враќа во татковината за да помогне во осознавањето на своите сонародници.

Прличевата "Автобиографиjа" (1885) претставува сведоштво за процесот на преродбата во Охрид, како и за мокотрпниот живот на авторот. Инаку, Прличев своjата преродбенска работа претежно jа извршувал преку наставно-педагошка деjност. Истовремено силно деjствуваjќи на полето на литературата, филологиjата и слично.

Кузман Шапкарев повеќе од три децении работел како учител , а речиси исто толку време се одвивала неговата собирачка деjност на полето на народното поетско творештво и етнологиjата. Тоj се jавува и како еден од наjзначаjните учебникари со намера да го крене образовното ниво на Македонецот. Во периодот од 1868 до 1874 година Шапкарев публикувал осум свои учебници, од кои последниот "Маjчин jазик-Буквар", се одликува со наjчист македонски jазик. Во основата на тоj jазик Шапкарев го зел говорното подрачjе од Охрид.

Во осмата децениjа на XIX век на Балканскиот Полуостров се одигруваат крупни настани. Тоа е период на востаниjа против Осмалиите (Босна и Херцеговина, Бугариjа и Македониjа), како и период на воjни меѓу Србиjа, Црна Гора и Русиjа против Турциjа, кои се завршени со Санстефанскиот договор и Берлинскиот конгрес од 1878 година.

На тлото на Западна Македониjа, народот се соочувал со разбоjништва, особено од Албанците, но и со извонредно тешките услови што ги наметнала Империjата. Како резултат на тоа почнува еден бран на револуционерно вриење кое го опфатило и Охрид. Во периодот пред избувнувањето на Руско-турската воjна во Охрид била формирана една заговорничка група коjа jа сочинувале: Стоjан Пармаков, Златан Боjкиќев, Иван Паунчев, Никола Минџов, Димитар Узунов, Наум Филев, Григор Прличев, Кочо Групчев, Коста Лимончев, Коле Филдишов, Никола Бочкаров , водачот на групата доктор Константин Робев и други. Од оваа група се формирала и една мала терористичка група коjа вршела низа акции против богатите Турци. Со Руско-турската воjна надежите на Македонците дека ќе добиjат слобода пораснале, така што заговорничката група се проширила уште со : Стефан Тримчев, Ѓорѓи Снегаров, Ангел Јанев, Иван Блажев, Коста Нелчинов, Спасе Нерезанов, Христо Момиров, Коста Манулов, Димитар Писанов, Зафир Белев и други.

Во историjата овоj револуционерен бран се именува со различни имиња: Охридски заговор, Охридско-демирхисарска буна, Брсjачка буна и сл.

Почетоците се врзуваат со еден доброволец од Прилеп коj учествувал во Руско-турската воjна. Тоj ( кон краjот на 1878 година) отишол во Крушево да се догорови со тамошните првенци за мерките што треба да се преземат за да ги сопрат турските зулуми. Понатаму групата се поврзала со охридскиот кружок, така што, започнале сериозни подготовки за вооружено востание. Востанието според планот требало да започне есента 1881 година на териториjата на Охридскиот, Ресенскиот, Прилепскиот, Демирхисарскиот и Крушевскиот округ. Членовите на таjната организациjа имале и план за набавка на околу 20.000 пушки.

На почетокот на маj 1881 година дел од членовите требало да се состанат во манастирот Слепче во Демир Хисар. Групата била провалена и истовремено планот за востание им станал достапен на турските власти. Биле уапсени 18 членови на таjната организациjа. Од изведените на суд, во отсуство на сведоци, четворица ( Зафир Белев, Коста Лимончев, Христо Попов и Златан Боjкиќев) биле осудени на по 101 година затвор, деветмина на заточение по 15 години, а шестмина поради недостаток на докази биле ослободени.

Турските власти, покраj оваа група, во затворите подложила на разни тортури уште околу 700 души од околиите во кои бил проширен заговорот. Со ова турските власти сакале да стават до знаење дека секоj обид за бунт ќе биде санкциониран, а лицата строго казнувани.

Кон краjот на XIX век не се знае точно колкав бил броjот на населението во Охрид. Турците не правеле некакви статистички мерења врз популациjата. Според статистиката на еден бугарски демограф, коjа е оценета за посолидна, во Охрид имало 8.760 христиjани и 5.500 Муслимани од кои само 500 се наведени како Албанци. Во Струга имало 3.000 христиjани и околу 1.300 Муслимани од кои како Албанци се декларирале 350 души. Може да се забележи дека во статистичките податоци македонското население е именувано со различни називи. Бугарскиот демограф зборува за "бугари" додека пак во статистиката на австроунгарскиот вицеконзул Крал, стои дека броjот на населението во Охридската каза е следен: Словени-егзархисти- 36.608, Словени-патриjаршисти - 561, Словени-муслимани- 318,

Власи 1.948 и Албанци ( во кои се сметани и Турците)-12.140. Вкупно се изброени 51.915 души.

Целата втора половина на XIX век Македониjа е поле на разни пропаганди од соседните земjи. Пред тоа на просторот на Охрид доминантно е присутен грцизмот. Наjмногу преку Охридската архиепископиjа во чии редови е присутен грчкиот клер. Официjален jазик на архиепископиjата е грчкиот, а покраj тоа во самиот град постоjат низа грчки училишта. Но, кон втората половина на векот, охридското граѓанство, преку отворање на училишта на народен македонски jазик jа истиснува грчката пропаганда. Тоа трае до 1870 година кога е формирана Егзархиjата и до 1874 година кога во Охрид доаѓа првиот егзархиски митрополит. Оттогаш започнува засилено да се чувствува бугарското влиjание. Ова е период на судири на Општината Охрид со бугарската пропаганда. Особено е запазено деjствувањето на друштвото "Свети Климент" преку кое се изразувани македонските национални стремежи. Тоа е формирано во 1885 година, како Културно-просветно друштво, од неколку учители и ученици меѓу кои: Никола Пасков, Јаким Деребанов, Антон Кецкаров, Атанас и Христо Маџаров, Иван Лимончев, Лев Огненов и други. На 20 jули 1886 година, одделни членови на Друштвото, пред Евангелие, крст и сабjа, дале заклетва дека ќе и служат на татковината и си поставиле за цел да ги прогонуваат разбоjниците, да се формираат таjни кружоци, кои би се бореле против угнетувачите, да работат на отворање на свои македонски училишта во секое село и слично. Деjноста на ова друштво не трае долго бидеjќи инспираторите брзо се откриени од Егзархиjата и преместени на служби во околните градови.

За тоа какво било влиjанието на грчката и бугарската пропаганда, а подоцна и српската, сведочат следните статистички податоци. Така, според официjалната егзархиска статистика, во учебната 1899/90 година, во Охридската каза имало 33 училишта, 52 учители и 2.378 ученици. Грчката пропаганда, во 1899 година, издржувала едно основно училиште со три учители и 35 ученици. Во Охридската каза во 1904 година имало 6 грчки училишта, 10 учители и 280 ученици. Во 1887/88 година српската пропаганда го прави првиот обид да отвори српско училиште. Тоае отворено подоцна дури во 1899 година и во него биле запишани 16 ученици, а работеле 3 учители. По Илинденското востание во казата имало 4 српски училишта, 6 учители и 142 ученици.

ИсторијаХотелиАпартманиПриватни собиХранаКафе баровиНоќни клубовиДискотекиУслугиМапа на Охрид

Назад